Биографија

Борче Шабаноски е музичар, гитарист, композитор, аранжер и продуцент роден 1967 година во Прилеп. Основно музичко училиште завршува во Прилеп на инструмент хармоника, а гитара започнува да свири од 12 годишна возраст. Член бил на повеќе групи како: Гарда, Ристо бомбата и кучешка тенија, Бен Хур а свирел и со повеќе познати музички имиња како: Дејан Кузманоски, Валентино Скендеровски, Трајко Каров, Брејк, Давор Јордановски итн.

Во текот на годините на студирање во Скопје активно работи во групата „Гарда“ (заедно со Кристијан Габроски, Валентино Лауцоски и Ведран Војниќ) со кои снима албум, макси касета и повеќе синглови. Со „Гарда“ настапува по разни концерти и фестивали низ Македонија. На Поп Рок Фестивалот во Скопје во 1991 година кој беше во организација на ревијата „Екран“ Борче е награден како најдобар гитарист.

После „Гарда“, Борче, Кристијан и Валентино ја формираат „Ристо бомбата и кучешка тенија“ и издаваат два студиски албуми, сингл касета и стрип и одржуваат бројни концерти по дискотеките низ Македонија. Најголем концерт им е кон крајот на 1993 година во салата „Кале“ во Скопје за што има и видео запис во архивата на МРТВ.

Групата „БЕН ХУР“ ја формира во 1995 година веднаш по распаѓањето на „Ристо бомбата и кучешка тенија“ заедно со Душко Темелкоски, Тоде Илиоски и Диме Џагадуроски. Со „Бен Хур“ го снима албумот „Секс, пиво, рокенрол“ по што одржуваат низа концерти низ Македонија. Од 2003 година во групата се придружува и Игор Јагуриноски како главен пејач по што снимаат нови песни и спотови. Учествуваат и на „Охрид Фест“ во 2004 и 2005 година.

Од 2001 година работи во своето проект студио како композитор, аранжер и продуцент и учествува со авторски песни на разни фестивали за возрасни и за деца во Македонија и во странство. Со песната „Роденденски бакнеж“ која е негово авторско дело а ја пее Денис Димоски, учествува на Јуниор Евросонг во Белгија во 2005 година како претставник на Македонија. Присутен е со авторски песни на Мак Фест, Охрид Фест, Евро Фест, Канео Фест, на разни детски фестивали во Македонија и во странство на кои освојува и повеќе награди. На детскиот музички фестивал „Ѕвездички“ во Прилеп е уметнички директор. Работи и музика за театар и мултимедијални проекти, како и музика за рекламни спотови.